„Моја земја, мој дом” – кампања во Кисела Вода за легализација на имот!

Од денеска скопката општина Кисела Вода започнува со кампања под наслов „Моја земја, мој дом”. Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска на прес – конференција ги изнесе деталите за оваа акција која треба да ги стимулира граѓаните кои ги легализирале своите објекти да го откупат и земјиштето, како и дворното место.

„Денес започнуваме со една поголема кампања која на дел од жителите на Општина Кисела Вода ќе им овозможи целосна сопственост на имотот. Имено, ако тие претходно имаа нелегални градби и го искористија правото на легализација, сега објектот е и правно нивен и со него можат да располагаат како што сакаат. Овие граѓани ги информираме и мотивираме да го откупат земјиштето под легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар. Притоа, не е важно дали објектот се наоѓа во дел на општината каде има или нема донесен Детален Урбанистички План. Важно е само земјиштето под него да е во државна сопственост. Дополнително, ако се работи за семејно домување, сопствениците на, сега веќе, легалниот објект, можат да го откупат и дворот. За откуп на дворот, потребно е за него да има урбанистичко-планска документација. А цената е повторно-едно евро за еден квадрат, доколку се работи за површина до 500 квадратни метри“ – рече Ѓорѓиевски.

Тој апелираше до граѓани кои го завршиле процесот на легализација да ја започнат процедурата за докомплетирање на имотот.

„Оформени се тимови кои ќе работат на оваа проблематика, а секако, првиот чекор е да се посети општинската веб страница. Таму е наведена целосната потребна документација, критериумите и контакт на кој може да се добијат дополнителни информации. Исто така, потребните информации за отпочнување на процесот можат да се добијат и на шалтер, во архивата на Општина Кисела Вода, која од  неодамна работи и во втора смена, до 20 часот. „Моја земја, мој дом” е акција која ја почнуваме денес, а ќе трае се додека не му излеземе во пресрет и на последниот граѓанин кој има желба да си го откупи земјиштето и да биде свој на своето“ нагласи градоначалникот на Кисела Вода.