
Ја знаеме песната. Има бројни изведувачи, испеана е на речиси секој настан поврзан со нашата историја, а и со нашето секојденевие. И со сите наши очекувања. Како поттик, како потсетување дека „македонско име нема да загине“.
Но, како, кога и каде е создадена?

Нераскинливо е поврзана со македонската историја. Со настаните по 11 октомври 1941-та, со учесниците кои го означија почетокот на Народното востание (годинава се навршија 85 години), со Одредот чии групи беа дел од историските виорни настани за создавањето на македонската држава.
Кој ја создал песната? Кога и каде првпат е изведена?
Во литературата и во музичкото творештво песната „А бре Македонче“ ќе ја сретнете како народна патриотска песна. Иако е содадена во деновите по 11 октомври 1941 година од тројца борци на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“. Тројца борци, тројца школски другари: Крсте Црвенкоски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка.



Вака го започнува своето објаснување, но и резултатите од истражувањето, историчарот во прилепскиот Завод и музеј, Рубин Белчески.
-Хроничарите на НОБ, Коце Солунски и Љубен Георгиески- Љупта во своите искажувања за формирањето на Првиот прилепски партизански одред, накратко, без прецизни податоци, зборуваат за создавањето на песната, ја започнува приказната Белчески.
Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ е формиран на 23 октомври 1941 година кај месноста „Дуова вода“ во близина на манастирот во Степанци. Тројца борци од одредот (Крсте Црвенкоски (1921-2001), Коле Чашуле (1921-2009) и Ордан Михајлоски – Оцка (1921-1942) добиле „партиска“ задача да создадат песна која ќе биде химна на одредот и со која ќе се подигнува борбениот морал на борците во Одредот и ќе се поттикнува населението да се вклучи во партизанското движење.

Секој од тројцата имал свои афинитети.
-Крсте Црвенкоски, како политички комесар на Одредот, имал удел да испрати порака преку песната, Коле Чашуле со своето неповторливо надарено писателско перо дал придонес во создавањето на песната, а Ордан Михајлоски-Оцка, како талентиран и образован музичар кој свирел на виолина, учествувал во создавањето на стиховите, но, посебно, бил задолжен за музиката на песната. И не случајно основното музичко училиште во Прилеп го носи неговото име, вели Белчески.
Сите тројца се учесници на „Првата пушка“ и почетокот на Народното востание на 11 Октомври 1941-та кога со нападот на тогашниот Участак, полициската станица во Прилеп, бил означен почетокот на Востанието.

Според ова, песната е создадена во периодот од 23 октомври до 8 ноември 1941 година. Својата прва промоција ја има на митингот одржан во прилепското село Царевиќ на 8 ноември 1941 година. Тоа била првата слободна територија на Балканот во НОБ и првиот одржан партизански митинг во Македонија.

-Песната веднаш била прифатена. И од борците и од населението. За брзо станала препознатлива не само во Прилепско, туку и низ цела Македонија. Станала химна, не само на Првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, туку и на другите партизански одреди, односно на целото партизанско и антифашистичко движење во Македонија, објаснува историчарот Рубин Белчески.
Првата верзија на текстот е:
А бре Македонче,
Каде се спремаш?
Бојот те чека,
Бој за слобода
Бој за слобода,
За Македонија,
За Македонија,
Земја поробена.
Мажи накитени,
Жени наредени.
В борба ми одат,
Борба за слобода.
Нека разберат
Денешните тирани,
Македонско име
Нема да загине!
Песната слави 85 години постоење. Како Народното востание.
Од создавањето, стиховите претрпуваат мали измени. Но, суштински, не загубила од своето значење и целта.
Дел е од постојаната поставка на меморијалниот музеј „11 Октомври“ во Прилеп.

-При обиколката на поставката во Музејот, често ги задржувам посетителите, посебно младите, пред паното со песната „А бре Македонче“. За да им ги објаснам нејзиното значење и нејзиното создавање во еден исклучителен, воедно, значаен момент од историјата на македонскиот народ. Имам впечаток дека учениците не се доволно информирани и едуцирани. Преку песната ги поттикнуваме младите да го запознаат нашето минато. Развиваме љубов кон нашата историја, нејзино познавање, љубов кон литературата, поезијата, кон филмот, кон нашето богато и славно минато. Да знаат кои се и што се, смета Белчески со гордост говорејќи за создавањето на една од најпознатите наши песни.
Белчески вели дека тоа било поттик за детално истражување каде се е употребена песната. А таа, и во тоа, има своја богата историја.
Песната „А бре Македонче!“ во форма на музика за филм се пее во првиот македонски игран филм „Фросина“ во 1952 година, по сценарио на Владо Малевски, а во режија на Воислав Нановиќ. Музиката во филмот му е доверена на македонскиот композитор Трајко Прокопиев, кој, воедно, е и диригент на Оркестарот на државната филхармонија. Песната е и во филмот „До победата и по неа“ од 1966 година на режисерот Жика Митровиќ, според сценариото на Симон Дракул. Музиката во филмот е на хрватскиот композитор и диригент Миленко Прохаска. Песната е застапена и во други филмови и тв-серии со борбена тематика.
Песната има свои изведби од познати македонски музичари. Во дует ја снимиле легендите на македонската народна музика Никола Бадев и Александар Сариевски. Ја снимиле и Крис Клачов со групата „Децата од Буф“ од Онтарио, Канада. И националниот ансамбл „Танец“ ја снимил и се наоѓа на ЛП (лонг плеј плоча) од 1973 година.
Со години нотите на песната „А бре Македонче!“ беа во најавната шпица на вестите на Радио-телевизија Скопје (МРТВ). Македонскиот виртуоз Влатко Стефаноски ја има обработено и интерпретирано во инструментална форма и е на албумот на „Леб и сол“- „Звучни ѕид“ од 1986 година. Песната е и на CD/DVD на групата со наслов „Live in Macedonia“ од 2006 година. Во 2001 година групата „Гаро и парамециум“ го издаваат албумот „А бре Македонче“ на кој е и песната. Таа е застапена и на нивниот албум „The best of“ од 2005 година.
Македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов за 8 септември, Денот на независноста во 2013 година, „А бре Македонче!“ ја преработува со нов аранжман.
„А бре Македонче!“ се пеела и се пее речиси во сите пригоди. При спортски натпревари, културни настани.
-Но, за жал, текстот на песната често се променува за потребите. Тоа доведува до непријатни ситуации и до нарушување на меѓунационалните односи кај нас. Се надевам дека тоа во иднина нема да се прави, заклучува историчарот на прилепскиот Завод и музеј, Рубин Белчески.
„А бре Македонче“ е дел од македонската богата борбена историја. Дел е од потребата да се испрати пораката и за поттик на националниот дух и за потсетување на новите генерации дека нивните предци не се колебале да ја извојуваат слободата на својот народ. Преку тоа „македонско име нема да загине“.
Песната е актуелна во секој миг од нашето сегашно и идно живеење.
фото: МИА и Меморијален музеј „11 Октомври“-Прилеп