„Што се однесува на негативните рефлектирања на украинската ситуација несомнено е дека ние носителите на соодветните функции треба да бидеме будни во превентивен аспект, повикувајќи се на горките искуства од последните три децении, од распаѓањето на поранешна Југославија и од целата ситуација што произлезе, која што беше и е актуелна во регионот“. Ова денеска во Приштина го изјави претседателот на македонското Собрание – Талат Џафери.
„Несомнено дека нашиот регион е чувствителен, ранлив и под влијание на надворешни влијанија и во тој контекст треба да бидеме внимателни и над се делот на оваа соработка е координирање во сите можни негативни ефекти што би можело да ги има во регионот. Несомнено дека ги согледуваме овие прашања меѓутоа не мислам дека има нешто конкретно. Како и да е, за секаква ситуација институциите треба да бидат во состојба на готовност, институции коишто треба да ја следат ситуација и информирање за конкретната и фактичка ситуација и во регионот и пошироко, рече Џафери на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, претседателот на косовскиот Парламент – Глаук Коњуфца.
Џафери не сакаше посебно да ја коментира позицијата на Србија во однос на руската агресија.
„Позицијата сами си ја адресирале со тоа што гласале позиција за приклучување кон ОН со санкции кон Руската Федерација, а во билатерален контекст адресирале дека тие не се подготвени да спроведат казнени мерки било да се економски или други, така што тие самите си се позиционирале и тоа го именувале и нема потреба да се коментира“ – вели Џафери.
Тој го повтори ставот за поддршка на разговорите Приштина – Белград, кој вели, треба да финализира со заемно признавање.