Џафери: Нов Деловник, за да нема блокада на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери изјави дека на денешната средба на работната група за нов Деловник во рамки на Жан Моне процесот, главно, било разгледувано носењето закони во редовна постапка.

По обвинувањето дека ВМРО-ДПМНЕ не биле консултирани за датумот за одржување на состанокот, Џафери рече дека на втори овој месец ја закажал денешната средба и дека претходната била одложена токму по барање на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Џафери, намерата е да се има консензуално решение за Деловникот за работа на Собранието за да не се блокира неговата работа.

„Ја разгледувавме процедурата за закони кои се носат во редовна постапка и предлозите беа во насока во кој рок треба да заврши работа на работните тела и алтернатива, што во случај ако комисите не ја завршат работата. Не може пленумот да зависи од работата на работните тела. Предлозите се во насока да се надмине ситуацијата пленумот да зависи од работните тела. Ова што го разговаравме ќе биде доставено до опозицијата, ќе бидат прашани за предлози. Не е идејата да се одбегне учеството на опозицијата“, рече Џафери.

Тој посочи дека интенцијата е да се донесе нов деловник на Собранието, а не да се допрецизира постоечкиот.

-Гледаме дека има попречување на работата на Собранието, а намерата е Собранието да биде функционално. Ако продолжиме со воспоставената пракса, тоа нема да служи никому“, рече Џафери.