„Новата Влада во Софија успеа да започне добар процес кој има за цел да ги зближи Бугарија и Северна Македонија, да ја погледне историската перспектива, а во исто време да ја погледне и перспективата во ЕУ“. Ова за бугарска „Нова ТВ“ го изјави Илхан Ќучук, копретседател на либералната партија АЛДЕ, европратеник од ДПС/„Обнови ја Европа“ и постојан известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Според него, има тензија на историски, но не и на политички план. Тој потенцираше дека работел со овие луѓе долги години и веќе ја има нивната доверба.
Вели дека Договорот од 2017 година го отвори евроатлантскиот пат за Северна Македонија.
На прашање дали верува дека Бугарија треба да го укине ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ – верува дека Бугарија треба активно да работи во рамките на правилата договорени меѓу двете соседни земји.
„Ќе биде голем пропуст на бугарската надворешна политика ако го дозволиме овој луксуз – Албанија да започне преговарачки процес, а Северна Македонија да се остави настрана“ – рече Ќучук.