Колумна на Мирослав Драганов: Харвардски табели

Во 2022 година, во време на забрзана и глобална дигитална трансформација и ера на иновации, да изјавиш дека сакаш да мериш резултати во ексел табели, е исто како да почнеш од денеска да промовираш користење на Nokia 3310. А пак кога тоа го изјавуваат двајцата Премиери на балкански држави со личен предзнак „Харвард“, веројатно е погодно време да ги скријат дипломите (едниот од курсот, а другиот од факултетот за менаџмент – MBA).

Но, ајде да не бидам толку строг со компаративниот метод, па ќе признаам дека ако го земеме предвид историскиот метод, оваа пракса на мерење резултати во ексел табели е најитовативната досега споредбено со она што (не)мереле досегашните политичари во Македонија и Бугарија. Браво за тоа, иако тоа не е доволно!
Па со оглед на оваа изјава од Премиерите, севкупниот контекст во кој се наоѓа македонското општество, па и мојот личен конктест, ова е најсоодветниот момент да го дадам и јас својот придонес со по некој важен компромис во ова преговарачко време.

Некои ќе речат сега кој е овој за да настапува вака, па затоа еве ќе објаснам со пет аргументи, како за почеток:

1) Како студент не сум имал можност да студирам на или да земам курс од Харвард, но затоа сега сум рамноправен член на Советот за одржливо влијание, тело на светско ниво, меѓу другото и со колеги кои одобруваат стипендии за Харвард и кои се гости предавачи и/или пишуваат трудови за Харвард и слични по ранг Универзитети;
2) Не сум живеел во Канада, но затоа имам колеги од таму кои периодов секојдневно ми кажуваат како учат многу работи од мене (а секако и јас од нив), стартапи кои ги менторирам а се на тој пазар и други професионалци што работат за нас. Не знам што учат Канаѓаните од двајцата Премиери;
3) Нескромно ќе кажам дека сум работел и сум почувствувал на своја кожа повеќе области од општествениот живот и уште повеќе работни позиции отколку двајцата Премиери заедно, па затоа сум и побогат со поразновидни перспективи (а сум ги читал и анализирал уште одамна двете истории);
4) Имам среден и професионален LinkedIn профил кој може да служи како пример, за разлика од бугарскиот премиер чиј што LinkedIn профил е застарен и неажуриран (тука), а пак македонскиот премиер нема LinkedIn профил. Како за професионалци што до неодамна носеле титули „Професор“ и „Конултант“ и тоа од областа на економските науки и претприемништвото, ова е класично лош пример;
5) За разлика од нивните ексел табели, чест ми е што сум дел од раководството на ИКТ компанија, WIDNET Solutions, која во своето портфолио има изработено и современа македонска алатка од светски калибар која мери учинок/резултати (Performance Management Tool).

Ете затоа и јас сум кредибилен да зборувам гласно на темава. За почеток, како и бугарската страна и јас сум спремен да дададам два компромиси и тоа:

1) Еквивалентно на компромисот од бугарската страна која иницираше бугарска авикомпанија да воспостави авиолинија Скопје-Софија, така еве и јас ја нудам нашата алатка за мерење учинок/резултати од февруари 2022 година да биде користена најпрвин во работните групи (во сите одеднаш), а потоа и во другите бугарски правни лица. Со оглед на намерата за воспоставување пријателство, и покрај тоа што цените за софтвер се далеку повисоки од цените за авионските карти, јас сепак се сложувам да отстапам од реалните пазарни цени.

Па така еве ќе се задоволам со тоа месечно да имаме бугарски корисници на нашата алатка колку што авиони месечно ќе оперираат од бугарската авиокомпанија. На овој начин цената што месечно ќе треба да ни ја плати еден бугарски корисник, да биде иста со вкупната цена на билетите што македонските патници месечно ќе ги купат во тој соодветен авион. Па нели е фер компромисот? Колку што македонците ќе платат на бугарска компанија (нивна економија), толку и бугарите да платат на македонска компанија (наша економија). Само така се гради цврста доверба. А ние сме пријатели и соседи што сакаме заедно да напредуваме.

2) За компромисот што го направи бугарската страна со неемитување на пропагандистички филм од историјата, јас сум спремен бесплатно да ги обучам и менторирам како да си направат визии за Софија и за Бугарија за наредните 50 години (по примерот на Визиите за Скопје и Македонија до 2070). Со овој компромис давам целосна рака на тоа што и самите го предложија – историјата да биде во втор план, а сегашноста и иднината во прв план!

Но, тоа не е сè! Јас сум спремен и за дополнителни компромиси и во овој дел особено ги повикувам да внимаваат добро ЕУ Делегацијата во Скопје, претставниците на меѓународните организации и амбасадите во земјава (кои знам дека помалку или повеќе ме читаат). Нашата современа алатка за мерење учинок/резултати добороволно ќе ја надградиме и целосно прилагодиме па таа ќе биде по целосен терк на нашите меѓународни партнери. Како тоа ќе го направиме? Многу е едноставно. Алатката веќе го содржи „семафор рангирањето“ по примерот на европските проекти, па неисполнувањето на учинокот/резултатите е во ранг од 0 до 70 бодови дадени како тежина (црвена боја), нивното какво-такво поспоро исполнување е од 70 до 100 поени (жолта боја) и нивното најбрзо, најквалитетно и најефективно исполнување, па дури и надминување на резултатите, е од 100 до 120 поени (зелена боја).

Е сега, кога ова го имаме, а нашите алатки секако ги правиме персонализирани за секој од корисниците, ајде да утврдиме во кој дел да ја надградиме и прилагодиме алатката за овој соодветен контекст. Би рекол дека прво нешто што треба да направиме е да имаме статистичко собирање на податоците и мерење во реално време на учинокот/резултатите по неколку категории и тоа: а) мерење по вредностите од Договорот за ЕУ од Лисабон и визијата на ЕУ за 2050 година, б) мерење по вредностите од Повелбата за човекови права на ООН и другите ратификувани меѓународни документи од двете држави како и Целите за одржлив развој на ООН за 2030 година, в) мерење по новата методологија за преговори со цел влез во ЕУ – по кластери, како и г) тематско мерење по работните групи кои се веќе формирани. Откако тоа ќе го направиме, веднаш ќе пристапиме кон наше домашно и соседско ангажирање, а ќе повикаме и меѓународни експерти кои би имале и пообјективно око при определувањето на тоа кој резултат колку бодови треба да добие во она „семарфор рангирање“ со скала од 0 до 120 бода. Објективно би било ако за мерењето под а) ги повикаме од Брисел и ангажираме експерти од ЕУ, за мерењето под б) да се обратиме во Женева, за мерењето под в) да го повикаме лично Емануел Макрон, претседателот на Франција, кој беше иницијатор на новата методологија со кластери, а конечно за мерењето под г) да сме ние самите носители, но тука мониторинг да прават ЕУ претставниците во најмала рака на квартално ниво, како што правеа и досега консултативен процес со сите засегнати страни во нашето и нивното општество. Покрај ова, со оглед на некои екстреми, ќе воведеме и категорија жолта ЕУ ѕвездичка за случаи со над 120 бодови за нешто што никој не го направил досега (на пример: испраќање објаснувачки ноти до ООН дека државата нема територијални претензии), како и категорија црна ѕвездичка за нешто што како општопознат факт е спротивно на сите овие погоре набројани меѓународни документи (на пример: „македонско малцинство во Бугарија не постои и за тоа дури не смее да се дискутира“). При секоја црна ѕвезда, страната што ја содзала е одговорна за прекин, застој или назадување на преговорите и тоа повлекува соодветни санкции од сите меѓународни фактори, а особено од ЕУ.
За и дополнително да им стане јасно на читателите како тоа би ги утврдувале бодовите за секоја од активностите и постигнатите резултати, еве ќе дадам неколку актуелни примери. Воведувањето на авионска линија од бугарска компанија ќе носи 120 поени доколку започне во интервалот од февруари до јуни 2022 година, а ќе носи 100 поени ако започне од јули 2022 година. Соодветно на тоа, користењето на нашата македонска алатка за мерење учинок/резултати од бугарски корисници, ќе носи 120 поени ако сите тие почнат да ја користат и плаќаат од февруари-јуни 2022, а 100 поени ако започнат од јули 2022 година. Секое нивно пролонгирање (од која било од двете страни) процентуално ќе го намалува бројот на бодови, а со тоа се намалува и тежината во учинокот.

Важно е да се напомене дека бодовите за учинокот/резултатите ќе се споредуваат на исто ниво од двете страни: На пример: говор на омраза од државни институции ќе носат црна ѕвездичка (од двете страни), говор на омраза од граѓани на социјални медиуми ќе носат 0 поени, а доколку се повторува последователно, ќе носат црна ѕвездичка. Или еве на пример играњето фудал меѓу двата кабинети може да носи 0,5 бодови, па кога ќе откаже едната екипа, да се одземе тој бод (имајќи ја предвид важноста на оваа активност во споредба со сите вредности и визии од меѓународните документи опишани погоре!).
Кога ова ќе се прифати и спроведува (може да биде и под покровителство на ЕУ проекти), тогаш и нека трае со години, што би рекол бугарскиот премиер „Секако ќе преговараат 15 години“ (а мене ме игнорираа кога исто такви изјави давам две и пол години по ред). Но, како и да е, тогаш ќе имаме црно на бело, ќе имаме следење на метриките, резултатите, а и еден ден ЕУ кога ќе треба да одлучи да нè прими, ќе има валиден механизам за да види дали е проблемот во нејзиниот двор (кај нас) или пак можеби тој е во нејзината куќа (кај Бугарија на пример или пак кај друга земја членка). А и ние ќе може реално да видиме колку сме дале, а што тоа губиме. Па еве доказ дека може и другите од нас да научат. Како што јас се спуштам и од мерење на 150 земји во светот, вложувам енергија да создавам индикатори за две земји, тогаш можат и останатите 26 ЕУ земји членки овој механизам да го прифатат, да го земат под своја закрила и да го применат и во нивната куќа, во нивните соби бидејќи гарантирам дека е најуспешен модел досега.

А ние и во иднина ќе имаме јасно движење на работите и колку тие се во насока на Визиите за Македонија до 2070 или не се. Во тој момент сегашните тинејџери ќе бидат околу горната граница од категоријата „млади“, па може и да измислат понов модел на мерење заснован на Meta Verse, а не уште да користат нечии ексел табели. До тогаш, бидеме будни некои таму во наше име, а неповикани, да не нè самоуништат и да биде предоцна!

Мирослав Драганов
Главен директор за продажба и маркетинг – WIDNET Solutions