Ќучук положи цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев: Ова е добар ден за бугарско-македонските односи

„Настаните и личностите од минатото се паметат по влијанието што го имаа врз општеството и животите на луѓето, а Балканот е регион полн со историски настани и треба да се гордееме со нашите херои, бидејќи тие дадоа многу за Европа и светот“. Ова го рече Илхан Ќучук, европратеник и постојан известувач за Северна Македонија во ЕУ по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев со положување венец на неговиот споменик во Скопје.

„Таков бил Гоце Делчев, неуморен бранител и револуционер кој го дал животот за слобода и еднаквост. Му благодариме за неговите дела и заедно да му оддадеме чест и почит за сето она за што се борел“ – истакна Ќучук.

Во текот на денот тој учествуваше на отворањето на канцеларијата на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Северна Македонија, на кое присуствуваше и бугарската министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, заедно со заменик министерката Велислава Петрова.

„Ова е добар ден за бугарско-македонските односи, бидејќи добрите примери доаѓаат до израз и верувам дека тие се клучот за решавање на билатералните прашања. Ние немаме интерес да градиме дополнителни ѕидови меѓу нашите земји. Договорот меѓу МИА и БТА е партнерство според европски стандарди, што ќе даде можност за размена на цврсти и веродостојни информации за луѓето да можат да научат повеќе едни за други“ – рече Ќучук.