Официјално е отворена 24-тата зимска Олимпијада во Пекинг

Официјално се отворени 24-те Зимски олимписки игри на свеченост одржана на националниот стадион во Пекинг.

Македонското знаме на церемонијата го носеше алпскиот скијач Дардан Дехари.

Свеченото отворање, кое беше наречено „Приказна за снегулката“, го режираше Жанг Јиму (71), чие дело беше и свеченото отворање на Летните олимписки игри во кинеската престолнина во 2008 година.

Свеченоста одржана на првиот ден од пролетта според кинескиот календар, почна со настап на танчари, кои салутираа со вжештени зелени стебленца со цел да ја прикажат виталноста на пролетта, по што уследи експлозија од огномет во бела и зелена боја, испишувајќи го зборот „Пролет“ над стадионот „Птичје гнездо“.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет – Томас Бах во поздравниот говор изрази надеж дека олимпискиот дух може да згасне бројни контроверзи, кои претходеа на подготовките на олимписката манифестација која во следните две недели ќе се одржува во Пекинг.

„Во следните две недели ќе се борите за најголемата награда, додека живеете заедно, во мир, под ист олимписки покрив. Тука ќе има нулта дискриминација“ – рече Бах.

На Зимските олимписки игри ќе настапат вкупно 2.871 спортисти од 91 држава, кои ќе се натпреваруваат во седум спортови во 15 дисциплини, а поделени ќе бидат 109 комплети одличја.

Македонскиот олимписки тим го сочинуваат Ана Цветановска (нордиско трчање), Ставре Јада (нордиско трчање) и Дардан Дехари (алпско скијање).

Игрите ќе се одржат под строги протоколи поради пандемијата на коронавирус, а максималната исполнетост на олимписките трибини ќе биде до 30%.

Пекинг е прв град во олимписката историја како домаќин на летни и зимски игри, а националниот стадион „Птичје гнездо“ е првиот стадион домаќин на свечено отворање на летна и зимска олимпијада.