Ќучук бара брзо отворање на пристапните преговори со С. Македонија

Известувачот на ЕП за Северна Македонија – Илхан Ќучук во најновиот извештај уште еднаш бара брзо отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, а го поздравува и политичкиот поттик за обновениот дијалог меѓу Софија и Скопје.

Според Кучук, препораката за брзо отворање на преговорите доаѓа со оглед на тоа што „европската интеграција ги претставува аспирациите на граѓаните на Северна Македонија кон демократија и просперитет и служи како моќен катализатор за реформи, со оглед на тоа што земјата е доверлив партнер, кој продолжи да вложува конзистентни напори на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и кон исполнување и одржување на условите потребни за отворање на пристапните преговори; дека  земјата е кандидат од 2005 година; и треба да продолжи со реформите“.

Во извештајот на Ќучук се поздравува постојаниот напредок на Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ, нејзината посветеност на мултикултурализмот и меѓуетничката хармонија и нејзиниот континуиран позитивен билатерален ангажман.

Тој меѓу другото ја повикува Северна Македонија да ги одржи и интензивира напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и консолидирањето на слободата на медиумите.

Во извештајот се повикува на понатамошни подобрувања во спроведувањето на правата на самоидентификација, сопствено и инклузивно интеркултурно образование, правата на лицата со попреченост и правата на малцинските заедници.

Притоа се повикани релевантните тела проактивно да ги спречат и систематски да ги гонат сите случаи на говор на омраза, злосторства од омраза и заплашување, темелно да ги истражат поврзаните напади и да обезбедат безбедност на нивните цели, како што се новинарите, луѓето кои припаѓаат на малцинствата и другите ранливи групи.

На крајот Илхан Ќучук, jа поздравува континуираната посветеност на Северна Македонија за евроатлантската безбедност, потоа зголеменото усогласување на земјата со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ и ја повикува да се усогласи со рестриктивните мерки поврзани со Русија. Притоа се поздравува нејзиниот континуиран придонес во мисиите и операциите на ЕУ за управување со кризи.