Ќе повлече ли коалицијата на СДСМ со Алтернатива оставка на Заев во партијата?
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и првиот човек на партијата Алтернатива, Африм Гаши утре ќе имаат средба во Клубот на пратеници по која ќе биде познато дали ќе има ново коалицирање во владејачкото мнозинство.
Според „360 степени“, доколку ова се случи, во наредните денови ќе заседава Централниот одбор на СДСМ, а не се исклучува можноста на таа седница на Зоран Заев да ја официјализира и својата оставка во партијата. Таа сега е ставена во мирување се до консолидирање на мнозинството.
Доколку Заев ја потврди оставката во СДСМ, ќе треба да се направат вонредни избори во партијата кои се распишуваат во рок од 15 дена по потврдувањето на оставката.
Информациите се дека доколку Заев се реши за оставка, внатрепартиските избори би можеле да бидат распишани побрзо од рокот од 15 дена.
Ако Зоран Заев се реши да ја поднесе на писмено и најавената оставка на функцијата премиер на државата, во рок од 10 дена Претседателот Стево Пендаровски ќе треба да го даде мандатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието.
Додека не се избере нова Влада на должност, останува досегашната влада.