Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, присуствуваше на отворањето на изложбата „125 години бугарско дипломатско претставништво во Битола“ и на презентацијата на книгата „Досието „Галичица“ и скршената судбина на Панде Ефтимов“ во Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола.
На изложбата присуствуваа и екс претседателот на источниот сосед, Георги Прванов, амбасадорот на Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов, претставници на бугарската дипломатска мисија, Македонскиот научен институт и бугарските здруженија во земјава.
„Битола е многу посебно место. Нема шанси човек, шетајќи низ градот, да не го грабне нешто за срцето. Историјата овде е должник: Може да се дознаат многу нови факти, а има многу нови за откривање. Битола е центарот на бугарската преродба во која поминаа најголемите бугарски светилишта: дали поради бугарското училиште овде, дали да ја напишат својата книга; тука е местото каде што започна и новата бугарска држава. Тука започнува и самоопределувањето и суверенитетот на новата држава. Пред само еден месец бевме заедно како гости на Бугарите во Хрватска. Сакам да ви кажам еден факт: Во едно мало село каде што со години работел Штросмаер, во мал музеј, чувана е неверојатна реликвија – тоа е оригиналот на бугарските народни песни на браќата Миладиновци. Никој таму не ни помислува да ги нарече овие песни „македонски“ како што видов овде, во РСМ, на наше најголемо чудење. Ако си го поставиме прашањето „што точно делиме“, ретко кој може да одговори нешто значајно и содржајно. Тоа се големи личности во овој дел од Европа, сè уште во епохата на ропството. За жал, некои не сме разбрани“ – коментира Јотова.
Запрашана да го коментира Законот за здруженија и фондации, кој Собранието на Македонија го донесе пред неколку дена, со кој се поставуваат ограничувања за имињата на историските личности што може да ги користат, Јотова одговори дека парламентот на Македонија е парламент на суверена држава и има право да донесува какви било закони за кои одговорноста е на оние што ги донеле.
„Она што нè интересира, а во иднина ќе се провери навреме е како ќе функционира овој закон, како ќе се развива во иднина. Заедно започнавме еден многу тежок процес – пристапување на Северна Македонија во ЕУ, каде што отсекогаш сум кажувала дека припаѓа. И сметам дека решението за многу наши проблеми, ако се уште ги има, ќе дојде само кога еден ден сите ќе бидеме дел од големото европско семејство. Беше тешко, беше долг процес. По францускиот предлог, беше спроведена првата меѓувладина конференција. Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија од 2017 година, веќе не е само Договор помеѓу две земји, тој е дел од европското законодавство и освен Бугарија, европските институции и сите земји-членки ќе го следат неговото исполнување. Од тука натаму исклучувам да тргнеме по патот на провокациите. Имаме заеднички интереси и заеднички цели“, истакна Јотова.