Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во изјава за тв Телма денеска рече дека Обвинителството нема нови информации во врска со сообраќајната трагедија. Тој напомена дека се убедени во професионалноста на бугарските обвинители за тоа дека тие ќе ги расветлат сите околности околу трагедијата.
Јовески потврди дека имало определени проблеми вчера нашите експерти од Судска медицина да влезат на обдукцијата, но тие се надминати и сега нашите претставници од Судска медицина работат на обдукциите.
„Ние уште вчера се договоривме со обвинителот кој ја води истрагата во Бугарија да обезбедиме биолошки траги од роднините на загинатите. Уште вчера во Институт за судска медицина беа собрани поголемиот дел од овие траги. Сабајлето бев информиран дека уште два-тројца членови на семејствата треба да дадат биолошки траги и очекуваме во текот на денешниот ден да заврши овој процес. Договорени сме со бугарскиот обвинител да прати истражители за да му ги доставиме примероците од ДНК анализите кои ќе се извршат во Скопје и кои ќе се споредат со податоците од обдукциите на починатите и ДНК анализите извршени во Софија“ – рече Јовески.
Тој напомена дека не може да каже кога ќе биде испраќањето на посмртните останки од Бугарија во Македонија.
„Во текот на оваа постапка на истрагата што ја водат бугарските обвинители, покрај другото ние изразивме подготвеност да целосно да соработуваме за сите оние прашања, документи и податоци што им се неопоходни“ – потенцираше Јовески.
Според него треба да се преземат сите мерки за да не доаѓа до вакви несреќи.
„Во делот на нашата надлежност сосема е јасно дека ќе ја причекаме постапката што се одвива во Бугарија зашто таму се испитуваат сите аспекти на конкретниот настан. Уште вчера соопштив дека одредена документација за возилото е обезбедна и ќе биде ставена на располагање на обвинителите во Бугарија“ смета Јовески.