Од „Беса транс“ на ФБ демантираат дека во автобусот се шверцувало нафта или пиротехника

Од туристичката агенција „Беса транс“ – Скопје попладнево преку социјалната мрежа Фејсбук демантираа дека во нивниот автобус кој вчера рано наутро комплетно изгоре во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија се шверцувало бензин или пиротехника.

Од агенцијата апелираат да не се шират шпекулации што ќе ѝ наштетат на истрагата која се уште е во тек.

„Како агенција ги информираме семејствата на починатите и повредените во трагедијата дека автобусот во никој случај немал багаж за шверц на нафта, бензин или пиротехнички средства. Сите овие шпекулации се злонамерни. Вкупниот капацитет на автобусот беше 450 – 500 литри нафта за самиот автобус, а во никој случај немаше резерва за шверцерски цели. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации“ објавија од „Беса транс“.