Јовески: Обвинителите и судиите мора да ја обезбедат еднаквоста на граѓаните пред законот

„Предизвикот на обвинителите и судиите во битката за обезбедување на владеењето на правото и еднаков пристап до правдата е секојдневен. Во таа битка тие често се критикувани и напаѓани“. Oва синоќа го рече јавниот обвинител Љубомир Јовески во обраќањето на свечен настан по повод 15-годишнината од создавањето на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој додаде дека ова треба да е само поголем мотив за јавните обвинители и судиите да ја извршуваат функцијата професионално, непристрасно и одговорно.

„Ние, обвинителите и судиите, во работата и одлуките кои ги носиме, мора да ја обезбедиме еднаквоста на граѓаните пред законот. Се додека не се постигне тоа, граѓаните нема да имаат доверба во нашата работа. Тоа ја поткопува правната сигурност во општеството и е плодно тло за корупцијата која не познава граници и подеднакво ги напаѓа развиените и неразвиените држави. Ниту една држава, без разлика колку е демократска, не е имуна на корупција. Но ова не треба да ни биде алиби или оправдување за толерирање на оваа општествена болест која ја разградува економијата, ја урива демократијата и не оддалечува од посакуваната иднина во Европската унија“ – рече Јовески.

Тој потенцираше дека не треба да се бараат оправдувања за критиките за неефикасност на кривичниот прогон, за застарување на гонење и за неефикасност на рочиштата.

„Долгото траење на постапките не ја обезбедува правдата и со право се вели дека бавната правда, често е и неправда. Граѓаните со право бараат брза и ефикасна правда. Не смее да се дозволи, по одржани повеќе од 100 рочишта во конкретен предмет во кој има и човечки жртви, да не се донесе одлука“, рече Јовески, додавајќи дека „на оние судии и обвинители кои се раководат од други интереси, а не од професионалните, не им е место во нашите редови. Сум ја вршел судската сега и обвинителската функција и затоа можам да кажам дека и чест и гордост, но и голема одговорност е да си обвинител или судија. Јавната доверба во правосудниот систем и во моралниот авторитет и интегритет на обвинителите и судиите е од голема важност во демократското општество. Мора да се работи независно, врз основа на доказите и фактите во постапката, без надворешн влијанија, предубедувања, притисоци, закани или мешања“ смета Јовески.

Почесни обраќања на настанот имаа и Претседателот Стево Пендаровски, министерот за правда Бојан Маричиќ, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, претседателот на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски и заменик претседателот на Судскиот совет, Селим Адеми.​