„Скокот на Северна Македонија за една година за 24 места на индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнел покажува дека има напредок во борбата против корупцијата, но мора да се биде искрен и да се признае дека во овие извештаи се нотираат и определени дејствија или активности што треба да ги преземе државата и особено кога зборуваме за надлежноста на Јавното обвинителство“. Ова е оценката на јавниот обвинител Љубомир Јовески дадена во интервјуто за Радио Слободна Европа.
„Не е занемарлив податокот за скокот од 24 места во однос на индексот за перцепција на корупцијата. Тука само да дополнам дека и во извештајот на Стејт департментот на САД се нотира зголемената борба против организираниот криминал и корупцијата, а исто така тоа е заклучокот и во извештајот на Европската унија. Ако се имаат предвид овие податоци, овие оценки во овие извештаи, ќе се види дека има напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал во Република Северна Македонија, но мора да се биде искрен и да се признае дека во овие извештаи се нотираат и определени дејствија или активности што треба да ги преземе државата и особено кога зборуваме за надлежноста на Јавното обвинителство“ – вели Јовески.
Тој посочува дека повеќепати истакнал дека за разлика од поранешниот период сега во Јавното обвинителство има отворени предмети за носители на актуелната власт.
„Тука би спомнал дека Обвинителството има отворено предмет за висок функционер во Владата, има за државен секретар во едно од министерствата, потоа има за обвинители, судии и според тоа моја оценка е дека Обвинителството не постапува селективно, туку се држи до рамките на законот и неселективната правда. Од друга страна исто така сакам да истакнам дека Обвинителството има отворено повеќе предмети по службена должност, или како што вели јавноста по допрен глас“ вели тој.