„Не ја делам оценка дека Обвинителството постапува селективно и дека подлегнува на политички влијанија. Доколку Обвинителството е под политички влијанија, веројатно немаше да отвори предмети против носители на јавни функции“. Ова во интервју за МИА го изјавува државниот јавен обвинител – Љубомир Јовески.
„Јас повеќепати сум нагласил дека не ја делам таквата оценка и секогаш ја илустрирам со неспорни податоци дека ние во последниве години имаме обвинето потпретседател на Собранието, имаме обвинето генерален секретар во Министерство, имаме покренато постапки против судии и јавни обвинители и против други носители на јавни функции. Цело време се залагам јавнообвинителските одлуки да се носат во Јавното обвинителство, да не зависат од политиката или од определени финансиски, економски или било какви центри на моќ“ вели Јовески.
Тој не се согласува со констатацијата дека Обвинителството бавно ги решава случаите, а за пример го зема случајот „Ласкарци“ чија истрага заврши во рок од три месеци.
„За жал и во тој случај животите ги изгубија повеќе наши граѓани. Ние поднесовме соодветно обвинение, но судската постапка трае подолго време. Информиран сум дека некаде околу 100 рочишта се закажани или одржани, но нема судска одлука“ вели тој.
Јовески посочува дека сепак вината не треба да се бара во Обвинителството. За несреќата во „Модуларната болница“ во Тетово, тој посочи дека се прибрани речиси сите докази и се чека експертизата од германските експерти.
„Обвинителството веднаш отпочна со преземање дејствија во делот на утврдување на определени факти и докази. На обвинителите од ОЈО Тетово како помош им беа упатени двајца дежурни јавни обвинители од ОЈО Скопје. Познато е дека во тој дел за соработка се понудија и германски експерти и ние тоа го прифативме. Исто така на располагање на колегите кои ја водат истрагата им ставивме и четворица обвинители од Вишите јавни обвинителства од Скопје и Гостивар, за да можат со нив да се консултираат доколку наидат на определени проблеми и потешкотии во прибирањето на доказите“ – рече Јовески.
Говореше во интервјуто и за автобуската несреќа во Бугарија во која 45 македонски граѓани ги изгубија животите. Информира дека во ОЈО Скопје е оформен предмет за да се испита дали некое службено лице од надлежните органи имало определени дејствија што требало да ги преземе, а не ги презело, или пак преземало определени дејствија за кои не било овластено да ги преземе.
„Таа постапка се уште се води во Обвинителство, се прибираат докази и откако ќе ги собереме сите докази ќе донесеме јавнообвинителска одлука“ најави државниот јавен обвинител.