Уредничката на „Фокус“ – Јадранка Костова по добивањето на наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ на Здружението на новинари на Македонија во интервју за Трилинг ги сподели своите ставови за актуелните теми во општеството.
На прашањето „колку чини слободата“, таа вели:
„Видовме многу примери, Никола Младенов го осети тоа. Поентата е тој што ја има моќта, власта, тој забегува, затоа треба да сте некаков коректив“.
Трилинг: Колку македонските медиуми се отпорни на притисоци?
Костова: „Сум работела во медиум каде што сопственикот имаше список од 30-тина компании кои не смеат да се пипнат, во негативен контекст. Сега имаме веќе модерни менаџменти, знаат што значи пи-арот. Но и покрај тоа, имаме и политички притисоци“.
На прашање зошто ниту еден македонски медиум не се најде на лице-место, да известува од боиштата во Украина, Костова со став:
„По нашите телевизии, подолго трае временската прогноза, отколку вестите во светот. Ние сме опседнати сами со себе“.
Трилинг: Дали македонските медиуми се заробеници на олигархиските канџи?
Костова: „Во време на владата на Груевски се знаеше каде одат парите, како се делат парите, `Фокус` никогаш не добиваше средства. Класифицирана информација било за тоа по кој критериум се делеле парите. Ви се блокирани сите можности да добиете нормален одговор на нормално прашање. Сопствениците на медиумите се бизнисмени, медиумот им е само една алатка во бизнисот. Кога се затвори А1 тв, тоа беше порака и до другите сопственици. Едната страна е оној што ја има власта, второто се огласувачите и на крај читателите, односно гледачите“.
Трилинг: Се повеќе заживува истражувачкото новинарство, дали тоа е трендот кон кој треба да се насочуваме?
Костова: „Извонредни новинари се развиваат на тој план, но треба да имате институции кои на тоа ќе реагираат. Кај нас треба да се случи да падне власта, па да се покрене нешто. Во секоја влада имало министер за кој се водела кривична постапка. Мислам дека сепак многу малку се менува во институционалниот одговор, сепак добро е истражувачкото новинарство што зема замав“.
Трилинг: Економска криза – задоцнети мерки, популустички потези?
Костова: „Како што доцневме со вакцините. Ако сме имале инфо што се подготвува во Украина, требало да се реагира порано.
Трилинг: Дали странците му дошепнаа на Заев да се повлече?
Костова: „Има теории, но не можат да се поткрепат, колку и да е сериозен изворот. Имаше скандали што имаат и меѓународна димензија. Оваа влада видовме како котираше, и самиот Заев се навлече. ОК гест е да се повлечеш, тоа е демократски чекор. Ние немаме демократски традиции. Не мора Брисел (камшикарот) да ни наредува“.
Трилинг: Каква порака имате за помладата генерација новинари?
Костова: „Многу е битно оној кој се занимава со новинарство, да ја има страста и таа жар. Никола Солдатов ни беше ментор во МТВ, многу негови совети до ден денес ми останаа. Рече, кога ќе станеш уредник, ти си пола бирократ, а кога ќе станеш главен уредник – ти си веќе бирократ“.