Не само кадровско освежување, туку Владата треба да понуди и нови политики и брзи резултати, во спротивно ќе има предвремени парламентарни избори, оценува универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски.
За коалицискиот брак меѓу СДСМ и Алтернатива, проф. Ѓуровски проценува дека сега пред сериозен тест ќе биде ставен идниот мандатар кој не смее политички да експериментира, додека пак ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе инсистира на предвремени парламентарни избори.
Анализирајќи ја севкупната политичка состојба, проф. Ѓуровски не верува дека наскоро Скопје и Софија ќе постигнат договор за спорот.
За политичката криза предизвикана најмногу од оставките на Зоран Заев, најголема штета продолжува и понатаму да книжи СДСМ. Коалицијата со Алтернатива е стокмена по теркот највеќе да го боли СДСМ, да го „гребне” ДУИ и да му даде минимум алиби на новиот албански партнер зошто ја спасува владата која постојано е на стаклени нозе.
Ќе бидат неопходни многу труд, посветеност, мудрост, хомогенизација и најважно од се’ – да не се направи ниту една грешка во политичка и кадровска смисла, за СДСМ да добие воопшто шанса да поврати дел од изгубената доверба. Како што и претходно оценив, ќе повторам дека евентуално новиот мандатар од СДСМ ќе стартува со тешко бреме на своите плеќи. Ако прави трули компромиси во партијата што ќе му оневозможат да ги ресетира кадрите на СДСМ во извршната власт, ќе ризикува да има само епизодна улога.
Со Бугарија тешко да се дојде до сеопфатно решение
Отворените прашања со Бугарија и понатаму силно ќе го делат македонското општество што ќе биде исклучително тешко да се дојде до сеопфатно решение за жал. Луѓето секојдневно живеат со пандемијата, енергетскиот дефицит, заканувачкото продлабочување на економската криза и високата корупција што ги прави се’ повеќе алергични на актуелните политичко-партиски елити. Уверен сум дека политичката криза е само привремено изгаснета и во текот на 2022 може лесно повторно да пламне и да заврши со предвремени парламентарни избори.
Брзи предвремени избори никој не посакува
Како што сега изгледаат нештата СДСМ ќе се обиде да се спасува, ВМРО-ДПМНЕ ќе бара брзи избори, а ќе моли Бога да не ги добие, така очекувајќи дека најмногу политички ќе профитира. Едноставно кажано, ќе продолжиме да живееме во турбулентни времиња кои за жал се наш заштитен знак веќе 30 години од стекнување на независноста.
СДСМ треба да понуди целосно нова министерска екипа во Владата!
Новопромовираната коалиција на СДСМ и Алтернатива е шанса за евроатланските интеграции на земјата и склучен брак од интерес. Висока цена се плати во однос на добиените министерски места за Алтернатива на Африм Гаши, но очигледно тоа било неизбежно заради политичката судбина која можеа да ја имаат Владата и СДСМ. Заев беше ставен пред свршен чин, но самиот се доведе во таа ситуација да избере да ја плати цената за да се обиде да го заокружи интегративниот процес на земјата и во моментов политички да преживее СДСМ. Дали идната Влада ќе трае до 2024 година зависи од тоа дали во идниот нејзин состав ќе бидат заменети повеќе од половината министри со нови, од кои СДСМ треба да понуди целосно нова министерска екипа во Влада и посветеност на приоритетите во секојдневното живеење – економски стабилизација и раст, борба против корупцијата и справување со неколкуте кризи во државата.
2022 година на политички турбуленции и нестабилен регион
Значи не може да се исклучи во 2022 година дома да имаме политички турбуленции и нестабилен регион што може да не донесе до предвремени парламентарни избори кои сега ниту власта ниту опозицијата искрено ги посакуваат.
Уверен сум дека идниот Премиер може да биде нова страница во македонската политика, но само ако истата биде испишана од него. Дали неговиот учинок ќе остане празен лист хартија зависи од длабочината на резот кој самиот треба да го направи. Идниот премиер треба да биде свесен дека ќе мора да плива во длабоките и студени води на реал политиката која е многу сурова и никогаш не простува губење време во празен од и погрешно избран тајминг за потезите.
Дали во СДСМ сега имаат внатрешен капацитет да ги надминат личните суети и индивидуалните проекции?!
Клучно за новиот претседател на СДСМ и премиер е дали ќе биде доволно решителен веднаш по непосредните партиски избори и добивање на полн легитимитет да направи своја екипа со која ќе ја бара довербата на делегатите на Конгрес на СДСМ, кој е логичен след на настаните после претседателските внатрепартиски избори.
Преку составот на идната Влада ќе се покаже дали во СДСМ сега имаат внатрешен капацитет да ги надминат личните суети и индивидуалните проекции за политичката иднина, и да се застане зад целосно освежена, подмладена екипа која ќе треба да има партиско „мирно море“ за да може да се избори за враќање на довербата кај граѓаните до следното изборно соочување, кое може да се случи релативно брзо. Новата Влада не само нови кадри, туку треба да понуди нови политики и брзи резултати од нив, во спротивно ќе се случи промена на власта, сега зависи дали на редовни или предвремени парламентарни избори.
Авторот е универзитетски професор