„Новиот ентузијазам повеќе се должи на динамиката на работата на Комисијата. Тука јас гледам дека можеби можеме да помогнеме, а како ќе течат работите во разговорите во самата комисијата тоа е веќе друго прашање“. Ова за Радио Слободна Европа го вели копретседателот на Заедничката комисија за историски и образовни прашања – Драги Ѓоргиев.
За црвените линии, Ѓоргиев вели дека постојат академски црвени линии во работата на Комисијата и дека тие точно знаат до каде може да одат во однос на тоа што е досега утврдено, каде треба да се сопре и околу што треба да се дебатира, додека декларациите усвоени од двете собранија само повеќе и наштетиле на работата на Комисијата.
Тој вели дека досега немале средба со новиот премиер Димитар Ковачевски.
Во однос на темпото на состанување, истакнува дека уште не почетокот имале јасен став оти историската комисија не може да има средби секој месец, и дека на годишно ниво ќе имаат шест средби, што е оптималното работење.
За тоа дали бугарските колеги од Комисијата инсистираат на тоа дека заедничката историја подразбира дека Македонците до 1945 година биле Бугари, Ѓоргиев вели дека имале судир во однос на тоа и дека тој термин е употребен во Договорот во членот што зборува за историската комисија и не е дефинирано што се подразбира под таа синтагма заедничка историја.
„Тие подразбираат дека станува збор за историја на еден народ, односно на бугарскиот народ која започнала кон средината на деветтиот век кога првото бугарско средновековно царство ја освојува територијата на Македонија. Според нив, тогаш се случува трајна етничка хомогенизација меѓу прабугарското население кое е дојдено од исток и словенското население кое живее на овие простори, се создава бугарскиот народ и оттогаш до 1944 година, тоа е историја само на еден народ, односно на бугарскиот народ“ вели Ѓоргиев.
Појаснува дека, според ставовите на најголем дел од бугарската историографија, македонскиот народ е создаден со „инженеринг на Комунистичката партија на Македонија и на Југославија, на Коминтерната и на Тито“.
„Ние веднаш апсолутно го одбивме таквото дефинирање на синтагмата заедничка историја и дури инсистиравме со колегите да посветиме посебно внимание на тој термин, да го дефинираме што значи заедничка историја, меѓутоа од бугарските колеги тоа беше одбиено и сега синтагмата заедничка историја останува како една од пречките во нашето дефинирање на некои препораки, и во учебниците и за заедничко чествување“ појаснува Ѓоргиев.