Ѓоковиќ пак го однесоа во имиграциски притвор

Првиот светски тениски рекет во моментов – Србинот Новак Ѓоковиќ повторно е во имиграциски притвор во Мелбурн. Таму ќе го чека почетокот на официјалното рочиште на кое ќе се одлучува дали ќе може да остане во Австралија откако му беше укината визата по вторпат.

Синоќа, на подготвителното рочиште, судијата Дејвид О’Калахан закажал официјално рочиште пред Федералниот суд на Австралија за сабота во 23.30 часот по средноевропско време.

Судијата треба да одлучи дали конечната одлука за Ѓоковиќ ќе ја донесе еден судија или тричлена комисија, како што побараа адвокатите на српскиот тенисер.

Визата на Ѓоковиќ беше укината по вторпат, откако тој влезе во земјата невакциниран против коронавирусот, но со медицински исклучок, за да учествува на првиот годинешен грен слем тениски турнир – Австралија Опен.

Одлуката за укинување на визата ја донесе министерот за имиграција, Алекс Хок, бидејќи, според него, присуството на невакциниран играч може да поттикне негативна кампања за вакцинација против коронавирус.

Претходно, Ѓоковиќ помина неколку дена во хотел за имигранти пред да ја добие првата тужба на суд кога беше одлучено да му се врати визата и да го ослободат од притвор.

Во понеделник започнува натпреварувањето на АО.