Штрајк на здравствените работници во Турција поради ниски плати
Здравствените работници во Турција разочарани поради обезвреднување на приходите и високата инфлација, од денеска се во еднодневен штрајк со барање за подобри плати и услови за работа.
Здруженијата на лекари организираа протести во Анкара и Истанбул, барајќи повисоки плати.
Бараат и пократки смени, воведување мерки за заштита од зголемениот број вербални и физички напади од страна на пациенти или нивни роднини, како и означување на заразата со коронавирус за опасност на работа.
Демонстрантите велат дека сакаат „плата од која можат да живеат како луѓе“, бидејќи „сега не можат да врзат крај со крај“.
Инфлацијата во Турција во јануари достигна речиси 49 отсто, што е највисоко ниво во последните 20 години.