Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека има видлив напредок во преговорите за купување на течен природен гас (ЛНГ) и дизел од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Ројтерс.
Агенцијата потсетува дека Германија, која со години е многу зависна од Русија за гас, се обидува да го диверзифицира снабдувањето со енергија откако Русија ја започна војната во Украина на 24 февруари.
Шолц, кој беше во дводневна посета на земјите од Заливот, не соопшти детали за разговорите со ОАЕ.
„Мораме да се погрижиме производството на ЛНГ во светот да напредува до точка каде што може да се задоволи големата побарувачка што постои, без прибегнување кон производствени капацитети од Русија“ – изјави германскиот канцелар за новинарите.
Шолц вчера во Џеда разговараше и со престолонаследникот на Саудиска Арабија – Мохамед бин Салман, а денеска патува за Катар.