Шолц: Мирот на Балканот не е нешто што се зема здраво за готово

Германија интензивно се залага за прием на земјите од Западен Балкан во Европската унија бидејќи членството е ветувано долго време, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на средбата со Денис Беќировиќ, член на Претседателството на БиХ, пишува ДВ.

Кога станува збор за Босна и Херцеговина, таа не напредувала колку соседите, но Шолц потсети дека во март „заедно со колегите од Советот на ЕУ“ дал зелено светло за почеток на преговорите за полноправно членство со БиХ.

„Тоа беше важен чекор на кој работевме многу долго, но се надевам дека разбуди нова надеж во Босна и Херцеговина во Европа и дека е барем мал поттик да продолжиме со реформите“, рече Шолц и додаде дека тоа е „мал сигнал за силите ориентирани кон реформи“.

Германскиот канцелар потоа потсети дека членството во Европската Унија пред се зависи од условите што земјата-членка мора да ги исполни на патот кон таа цел. Можеби тоа беше мал одговор на сите оние од Западен Балкан кои се чувствуваа заобиколени откако на крајот на минатата година беше отворен патот за преговори за Украина и Молдавија по скратена постапка. Сега Шолц уште еднаш јасно стави до знаење дека патот е долг, за некои многу, многу долг.

Некои веќе можат многу брзо да ја замислат Црна Гора во Европската унија, како што рече Антон Хофрајтер, политичар од владејачката партија Зелени и претседател на Комисијата за прашања на ЕУ во Бундестагот, минатата недела по посетата на Спајиќ на Берлин.

„На Босна и Херцеговина и претстои долг пат. Знам дека напорите се големи, но овие напори на крајот се исплатат и тоа не само финансиски“, изјави Шолц.

Како дел од берлинскиот процес, германскиот канцелар сака да продолжи со зајакнување на регионалната соработка бидејќи, според него, придонесува за мир, што е особено важно во актуелните геополитички околности.

„Нападот на Русија врз Украина ни покажа колку е важна соработката, а покажа и колку е важен мирот“, рече Шолц, кој го поздрави фактот што Босна и Херцеговина покажа солидарност со Украина и се приклучи на санкциите против Русија.

Тој се осврна и на безбедносната ситуација во регионот и рече дека мирот на Западен Балкан „не е нешто што се зема здраво за готово“.

„Босна и Херцеговина игра важна улога овде и ќе се спротивставиме на секој обид за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, рече Шолц и нагласи дека поради тоа Германија ќе истрае да учествува во воената мисија Еуфор и Алтеа.