Шолц: Германија ќе набавува гас и од други добавувачи, освен од Русија

„Германија прави максимални напори да добива гас не само од Русија, туку и од други добавувачи“. Ова го изјави канцеларот – Олаф Шолц за германскиот телевизиски канал „ЗДФ“.

„Бидејќи не сме наивни, од една страна ја воведовме оваа регулатива (во врска со санкциите против Русија и суспендирањето на сертификацијата на проектот Северен тек 2), но во исто време однапред се подготвивме за ситуација во која можат да настанат потешкотии“ – рече Шолц.

„Се подготвивме за набавка на гас од други добавувачи, тоа го направивме и ќе продолжиме да го правиме“ – потенцира германскиот канцелар и додава дека Германија се уште купува гас, јаглен и бензин од Русија.

Во врска со гасоводот Северен тек 2, Шолц рече дека одлуката за суспендирање на сертификацијата е навремена.

„Ова беше долгорочен проект, чија реализација беше поттикната од неколку германски влади. Мислам дека некои луѓе не се сосема свесни дека добиваме гас од Норвешка, Холандија и Русија. Бевме целосно подготвени да го запреме процесот во случај на агресивна војна“ вели тој.