Руски сили ја окупирале нуклеарката во Запорожје

„Украинската нуклеарна централа Запорожје е окупирана од руски сили“. Ова денеска го соопштија регионалните власти на Запорожје, пренесува „Интефкас Украина“.

„Нуклеарната централа Запорожје е окупирана од воените сили на Руската Федерација. Персоналот работи на своите работни места, оперативниот персонал ја контролира состојбата на енергетските единици и ја обезбедува нивната работа според барањата на технолошките прописи за безбедно работење“ – соопшти утрово Државен инспекторат за нуклеарна регулатива на Украина.

По извршениот увид во петкатницата за обука на нуклеарната електрана Запорожје во Енергодар, констатирано е дека гореле просториите на третиот, четвртиот и петтиот кат. Жртви за среќа нема.

Градоначалникот на Енергодар – Дмитриј Орлов информира дека има повредени во судирите кај нуклеарната централа Запорожје.

Во гаснењето на пожарот во АЕЦ Запорожје учествувале 40 лица и 10 парчиња опрема, соопшти Министерството за вонредни ситуации на Украина.

Евакуација на жителите на Енергодар нема да има. Сепак, веќе се подготвува план за евакуација затоа што инфраструктурата е уништена и руските војници се присутни на терен.

Украинските служби за итни случаи соопштија дека утрово го изгаснале пожарот, а Киев тврди дека руските сили гранатирале и дека се одговорни за пожарот.

Зеленски ја обвини Москва дека спроведува „нуклеарен терор“ и дека сака да ја „повтори“ катастрофата во Чернобил.

Украинскиот нуклеарен регулатор не откри „никаква промена“ во нивото на радиоактивност во електраната Запорожје, каде што избувна пожар по руското гранатирање, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).