Шефот на железничката станица во Лариса останува во притвор

Шефот на станицата во Лариса чија одлука доведе до судир на товарен и патнички воз и најсмртоносната железничка несреќа во Грција, ќе биде задржан во притвор додека трае судењето.

59-годишниот маж денеска заврши со сведочењето пред истражен судија и обвинител, пренесува „Екатимерини“.

Тој е обвинет за загрозување на безбедноста во сообраќајот и повеќекратни точки од обвинението за убиство од небрежност и за нанесување телесни повреди.

Во сударот меѓу брз патнички воз, со повеќе од 350 патници, и товарен воз во близина на градот Лариса ноќта меѓу вторникот и средата, загинаа 57 лица, главно студенти.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис судирот меѓу патнички и товарен воз го нарече невидена, страшна железничка несреќа и вети целосна, независна истрага.

Тоа е најголемата железничка несреќа во Грција, а претходно најголемата беше во 1968 година кога во несреќа на јужниот дел на Пелопонез кога загинаа 34 лица.