Шаќири: Да се почитуваат протоколите за училиштата да останат отворени

Министерот за образование и наука – Јетон Шаќири денеска посака добро здравје и успешен почеток на второто полугодие од учебната година на учениците и наставниците. Тој рече дека директорите на сите основни и средни училишта со кои комуницирал во изминатите десет дена го известиле дека се подготвени за настава со физичко присуство и апелираше доследно да се почитуваат антиковид-протоколите за да се заштити здравјето и училиштата да останат отворени до крајот на учебната година.

„Најважна информација е дека училиштата се подготвени. Најрадосен сум што во училниците видов деца кои се радосни за почетокот на второто полугодие и дека се во училиштата. Ќе бидеме во секојдневна комуникација со претставници на сите училишта за нови случаи и секој ден ќе ја имаме предвид реализацијата на наставата. Директорите кажуваат дека нема огромен број позитивни наставници, професори или деца“ – рече Шаќири.

Во врска со барањата учениците да следат настава без заштитни маски, Шаќири одговори дека „ќе има средба со сите што мислат различно“, но дека сите протоколи, вклучително и носењето маски, се препораки од Комисијата за заразни болести и тие треба да се почитуваат.