Муцунски: Да дадеме континуитет на политиките кои создадоа услови граѓаните да ни ја дадат поддршката

„Овие кадровски промени кои што вчера се случија во ВМРО-ДПМНЕ се една добра симболика за стартот кој што сега го имаме по завршувањето на тој процес на локални избори. А, по таа убедлива  победа на ВМРО-ДПМНЕ да дадеме континуитет на добрите политики кои што создадоа услови граѓаните да ни ја дадат таквата поддршка како што ја добивме на локалните избори“. Ова е изјава на Тимчо Муцунски, градоначалник на општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во „Утрински Брифинг“.

Тој додаде дека резултатот на локалните избори означи дека граѓаните чувствуваат потреба опозициската партија да ја преземе одговорноста поради неквалитетните политики на тогашната локална власт.

„Секоја кадровска промена која што се случувала во ВМРО-ДПМНЕ создаде услови за континуитет на доброто, континуитет на добрите политики но истовремено нови идеи и промени насочени кон следната наша цел, а тоа предвремени парламентарни избори. А, тие предвремени парламентарни избори ќе создадат услови за промени на централно ниво, и да го видиме тој модел на добро владеење и добро управување кое што сега го гледаме на локално ниво од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ“ вели Муцунски.

Посочи дека во раководството на ВМРО-ДПМНЕ има истакнати експерти, а најави и дека партиско освежување ќе продолжи и со претседатели на партиски комисии.

„Верувам дека вчерашниот ден е само еден почеток на одредени кадровски промени кои што ќе се случуваат во партијата. И ќе бидат симбол на создавање на нови модели за добро управување на Република Македонија и процес кој што неминовно не носи кон предвремени парламентарни избори. И конечно да ги создадеме тие финални промени кои што граѓаните ги очекуваат и да ја видиме Македонија на вистински колосек“ – нагласи Муцунски.