„Шансите Италија сепак да заигра на Мундијалот во Катар се нула“
Габриеле Гравина – претседателот на фудбалската федерација на Италија вели дека џабе се подгрева лажна надеж во италијанската јавност за евентуалната можност Азурите да добијат шанса за настап на Мундијалот во Катар годинава.
Иако Италија загуби од Македонија (0-1) во баражот за СП, сепак надежите на „Чизмата“ се подгреаја откако се појави можност Еквадор да биде дисквалификуван од Мундијалот затоа тоа што играле во квалификациите со нелегален фудбалер. Тогаш шпекулациите отидоа дотаму дека највисокорангираната репрезентација која не е на СП би добила пласман, наградно.
Сега, Гравина рече дека по консултациите со ФИФА, сето тоа останува само пуста надеж.
„Нула шанси. Европа има 13 места на Мундијалот и сите се зафатени. Ако биде отворено место на Мундијалот преку Јужна Америка, тоа ќе оди кај јужноамериканска репрезентација. Зборувавме со ФИФА и одговорот беше целосно негативен“ – рече Гравина.