„Дозволете, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име, да упатам честитки до работниците, до синдикатите и до сите граѓани на оваа држава по повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот!“ се вели меѓудругото во честитката на претедателот на Собранието, Јован Митрески.
„Денешниот датум е уште една можност да се потсетиме дека почитувањето и соодветното вреднување на трудот на работникот е темелот на изградбата на рамноправно, економски просперитетно и социјално праведно општество. Тоа се премисите до кои треба да се придржуваме секојдневно, креирајќи и реализирајќи политики кои обезбедуваат поддршка на домашните претпријатија, привлекување странски инвестиции, отворање нови работни места, раст на платите. И кои им овозможуваат на граѓаните да се чувствуваат достоинствено, валоризирани и продуктивни на своите работни места, придонесувајќи на тој начин и за развојот на државата“ пишува во честитката.
Митрески вели „овој собраниски состав ги донесе измените на Законот за минимална плата, со кои се утврди методологија за постојан раст на платите и на стандардот на граѓаните, со што е постигнат значаен исчекор во унапредувањето на правата на работниците. Сепак, во оваа прилика, сакам да го изразам моето убедување дека борбата за работничките права не престанува никогаш и дека, независно од моменталните политички или економски прилики, секогаш е неопходно да се развива социјалниот дијалог на различни нивоа, меѓу работниците, синдикатите, работодавачите, стопанските комори и властите“.
„Постојаното унапредување на работничките права, на стандардот на работниците, на условите за работа, на безбедноста на работните места мора да биде приоритет за сите релевантни политички и општествени чинители. Тие фактори ги мотивираа работниците да ги вложат сите знаења и потенцијали во исполнувањето на своите работни обврски, чувствувајќи дека не се оставени сами на себе да го носат товарот на економските предизвици. Нека ни е честит 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот. Да продолжиме да бидеме трудољубиви, рамноправни, како и храбри и решителни во зачувувањето и унапредувањето на работничките права“ стои во честитката.