Екс-премиерот на Грција во интервју за „Еурактив“ вели дека Унијата не треба да презема обврски ако не може да ги исполни, како во случајот со Македонија. Тој смета дека ЕУ ќе ги трпи последиците од нејзиниот недостаток на единство во однос на Западен Балкан.
Ципрас излезе и со коментар за повеќекратниот неуспех на ЕУ да им одобри на Албанија и Македонија отворање формални преговори, како и континуираниот никаков напредок во однос на визната либерализација на Косово.
„Значи, мислам дека ова е уште еден пример за неспособноста на Европската Унија како целина да носи колективни одлуки со стратешки фокус. И мислам дека ЕУ веќе плати и ќе плаќа за тоа во иднина“, рече тој.
Македонија стана кандидат за ЕУ пред 17 години, а Албанија пред осум години.
Иако ЕК јасно кажа дека двете земји ги исполнуваат критериумите за пристапување, тие остануваат во чекалната на ЕУ.
„Одлуката на самитот на ЕУ ја потврдува несигурноста на Европа кон оние земји кои презедоа многу важни чекори, а перспективата за датум за пристапни преговори постојано се одложува“, рече Ципрас.
„Се прашувам какво ќе биде мислењето денес во Украина откако таа го доби овој брз кандидатски статус за ЕУ. И што може да значи тоа кога ќе видат дека овој режим не значи ништо. Дека Украина може да остане во фазата на кандидатски статус многу, многу години“, рече тој.