Ципрас: Со отпорот на Нова Демократија за Доворот од Преспа се злоупотреби чувството на просечниот грчки граѓанин

„Денес имаме земја сојузник, земја чиј воздушен простор го заштитуваат авионите `Рафал` што ги земавме завчера, шесте `Рафал` ќе летаат над Северна Македонија во рамки на договорот Грција да го надгледува воздушниот простор“. Ова го изјави лидерот на грчката партија СИРИЗА Алексис Ципрас во интервјуто за грчка телевизија.

Тој се осврна на Договорот од Преспа и односите со Северна Македонија, а не испушти можност да упати критики до актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис за неговата позиција пред да дојде на власт.

„Мислам дека целиот грчки народ има сфатено, а во многу голема мера и луѓето кои на претходните избори гласаа за Нова демократија, дека случајот со несогласувањата, со отпорот на Нова демократија во однос на Договорот од Преспа беше обид да се злоупотреби чувството на просечниот грчки граѓанин кој, во секој случај, има загриженост и чувствителност за националните прашања и беше обид за политичка измама. Екстремна политичка измама“ – рече Ципрас.

Според него, тоа што Мицотакис „зазеде неприфатлив и инструментализирачки став за едно многу критично национално прашање за да стане премиер е регистрирано во грчкото општество, во грчката историја и во свеста на граѓаните“.