Гутереш: Светот е полош отколку што беше пред 5 години

Антонио Гутереш – генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) предупреди дека ситуацијата во светот денеска е значително полоша отколку пред 5 години, поради пандемијата со Ковид-19, климатската криза и поради геополитичките тензии, кои предизвикаа бројни конфликти.

Тој во интервју за „Асошиејтед прес“ вели дека не се сменети неговите приоритети, изнесени уште на 1. јануари 2017 година, кога првпат стапи на позицијата шеф на ОН – дека ќе настојува да се справи со глобалните нееднаквости, кризата со Ковид-19 и со загревањето на планетата како проблем, како и дека останува на својот апел за мир во светот.

По прашањето дали Русија ќе изврши инвазија врз Украина тој порача дека потенцијална инвазија би имала „страшни последици“.

„Бевме во контакт со највисоки официјални лица во Русија“ рече Гутереш и додаде дека ОН не се директно ангажирани во украинската криза.

Повтори дека Советот за безбедност на ОН, кој има овластувања да ги одржува меѓународниот мир и безбедност, но и да воведува санкции, е поделен, а особено неговите пет постојани членови со право на вето.

„Русија и Кина се често во конфликт со САД, Британија и со Франција, кога станува збор за некои клучни прашања, како што беше случајот кога се зборуваше за воведување санкции кон Северна Кореја“ смета тој.