Цената на нафтата највисока во последните 7 недели

Во последните 7 недели цените на нафтата на меѓународните пазари се со највисоки вредности, а тоа се должи на влијанието на напорите на ЕУ да воведе забрана за увоз на енергенси од Русија и очекувањата за поголема побарувачка по олеснувањето на кинеските мерки за спречување на коронавирусот.

На лондонската берза цената на барелот се зголеми во однос на претходното затворање за 1,26 долари, односно дојде до 115,50 долари.

На американскиот пазар се зголеми за 1,17 долари, па стигна до 115,37 долари.

Министрите за надворешни работи на ЕУ вчера не успеаја да ја убедат Унгарија да го укине ветото на предложеното ембарго за увоз на нафта од Русија.

Зголемувањето на цените го донесоа и бројките што покажуваат дека членките на ОПЕК и партнерските производители, вклучително и Русија, во април произвеле многу помал износ од договореното за постепено ублажување на рекордните намалувања на производството за време на пандемијата во 2020 година.

ОПЕК вчера соопшти дека цената на барел нафта на нејзините членки вреди 113,07 долари и е зголемена за 70 центи во однос на претходниот работен ден.