Хрватска ќе испрати оружје во Украина вредно над 16 милиони евра

Андреј Пленковиќ – премиерот на Хрватска денеска најави испраќање заштитна опрема и оружје за Украина, како и подигање на состојбата на подготвеност за прием на бегалци.

„Денеска ќе донесеме одлука за испраќање воена помош за Украина – заштитна опрема и пешадиско оружје во вредност од 124 милиони куни (повеќе од 16,3 милиони евра)“ – истакна Пленковиќ на седницата на хрватската Влада.

Меѓу другите мерки, хрватскиот премиер најави и забрана за руски летови во хрватскиот воздушен простор и пристапување на Хрватска кон одлуката на ЕУ за исклучување на некои руски банки од системот СВИФТ (SWIFT).

„За Хрватска нема дилема, можеме да бидеме само на страната на демократска и суверена Украина. Ги повикуваме Русија и рускиот народ да ја прекинат оваа неразумна воена кампања, да се вратат на политиката на разумот и дијалогот“ – додаде Пленковиќ.