Радев: Ризик е сред воена криза да се менува министер за одбрана

Смената на министерот за одбрана во екот на воена криза во соседството е ризик, за која одговорност има владејачката коалиција“ соопштија од кабинетот на претседателот на Бугарија – Румен Радев.

Претседателот Радев смета дека при изборот на министер парламентарното мнозинство треба да се раководи од разбирањето на суверенитетот, професионалната компетентност и способноста да го брани бугарскиот интерес.

Тој очекува владата во Софија да ја засили работата на мерките за намалување на последиците од претстојната криза поврзани со зајакнувањето на енергетската безбедност и гарантирањето на храна (леб, брашно, итн.) на Бугарија.

Според Радев, Владата во Софија мора да им го гарантира лебот на Бугарите.

Потребни се, според него, енергични акции за спроведување на мерките, развој на вооружените сили и зајакнување на одбранбените капацитети на Бугарија, што ќе доведе до неопходни услови за зајакнување на колективната одбрана во случај на влошување на безбедносната средина во регионот.