Хамас го добил и го проучува одговорот на Израел за предлогот за примирје во Газа

Хамас соопшти дека го добил официјалниот одговор од Израел на последниот предлог за прекин на огнот и дека ќе го проучи пред да го достави својот одговор, се вели во изјавата на заменик-шефот на палестинската паравоена група во Газа.

„Добивме официјален одговор од ционистичката окупација за предлогот што им беше претставен на египетските и катарските посредници на 13 април“, рече Халил Ал Хаја, кој моментално се наоѓа во Катар, во соопштението објавено од групата.

По повеќе од шест месеци војна во Газа, преговорите остануваат во ќорсокак, при што Хамас се држи до своите барања дека каков било договор мора да стави крај на војната.

Египетска делегација вчера го посети Израел заради разговори со израелски официјални лица, барајќи начин за повторно започнување на разговорите за ставање крај на конфликтот и враќање на преостанатите заложници земени кога борците на Хамас упаднаа во израелските градови на 7 октомври, изјави официјален претставник запознаен со разговорите, пренесува Тајмс оф Израел. Неименуваниот официјален претставник рече дека Израел нема нови предлози, иако е подготвен да размисли за ограничено примирје во кое Хамас ќе ослободи 33 заложници, наместо 40, за кои претходно се дискутираше.

Во четвртокот, САД и 17 други земји го повикаа Хамас да ги ослободи сите заложници како начин да се стави крај на кризата.

Хамас вети дека нема да попушти пред меѓународниот притисок, но во вчерашната изјава наведе дека е „отворен за какви било идеи или предлози кои ги земаат предвид потребите и правата на Палестинците“.

Сепак, Хамас остана на своите клучни барања кои Израел ги отфрли и ја критикуваше заедничката изјава на САД и другите затоа што не повикуваат на траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, вчера изјави дека гледа нов моментум во разговорите за ставање крај на војната и враќање на преостанатите заложници.

Според двајца неименувани официјални претставници, Израел вчера им кажал на египетските посредници дека е подготвен да им даде на разговорите за заложниците „последна шанса“ за постигнување договор со Хамас пред да започне инвазијата на Рафа, последното засолниште за околу милион Палестинци кои претходно побегнаа од израелските сили од северните и централните делови на енклавата.

На 7 октомври минатата година, палестинската милитантна група Хамас, која во ЕУ и САД е прогласена за терористичка, изврши ракетен напад, а потоа и упад на југот на Израел, кога уби околу 1.200 луѓе, а повеќе од 200 зеде за заложници.

По нападот на Хамас, Израел воведе блокада на Појасот Газа и започна воена операција, во која, според последните податоци на здравствените власти во Газа убиени се најмалку 34.356 Палестинци, главно цивили, а 77.368 се повредени.