Франција се нуди да посредува во македонско-бугарскиот спор

Амбасадорката на Франција во соседна Бугарија – Флоренс Робин рече дека за нејзината земја прашањето за проширувањето на ЕУ со Северна Македонија и Албанија е исклучително важно и Франција како претседавач со ЕУ во првата половина на годинава ќе понуди посредување за справување со спорот меѓу Софија и Скопје.

Робин во изјава за бугарско радио вели дека така ќе може да се реши спорот меѓу двете земји и ќе се потврди европската определба на Париз.

Амбасадорката смета дека Западен Балкан е дел од Европа и е прашање на безбедност регионот да биде вклучен повеќе во политиките на ЕУ, економскиот развој и размената воопшто.

„Амбицијата на Франција е да ја потврди својата европска посветеност кон Западен Балкан, а особено кон Северна Македонија и Албанија“ рече Робин.

Таа изјави и дека има спорови меѓу соседните земји, и изрази уверување дека со добра волја и преку дискусии и промовирање на почитувањето на граѓанските права и почитувањето на малцинствата, тие ќе може да одговорат на овие предизвици.