Франција го презема претседавањето со ЕУ – Западен Балкан меѓу приоритетите

Франција го презема претседавањето со Европската Унија од денеска па во наредните 6 месеци.

Приоритети за Франција, барем од она што го изјави францускиот претседател Емануел Макрон е и Западниот Балкан.

„Нема да можеме да изградиме Европа на мирот во следните 50 години ако го оставиме Западниот Балкан како што е денеска“ – рече пред 20-тина дена Макрон.

Познавачите на политиката за проширување на ЕУ сметаат дека изјавата на Макрон е знак на смелост со оглед на општиот отпор на француската јавност кон проширувањето.

Француските дипломати во Брисел оценуваат дека Макрон е „особено мотивиран“ и дека ќе го вложи „својот политички капитал во решавање на блокадата на Западен Балкан“.

Во плановите на француското претседателство со Советот на ЕУ е наведено дека ќе се работи на решавање на проблемите на линијата Софија – Скопје, како и на решавање на внатрешните проблеми во БиХ кои можат да доведат до дестабилизација на целиот регион.