Фон Дер Лајен утре од Скопје ја започнува балканската тура

Шефицата на Европската комисија, Урсула Фон Дер Лајен, утре од Скопје започнува нова тура низ земјите од Западен Балкан во контекст на војната во Украина и енергетската криза.

Мини турнејата почнува со посета на Македонија, а до крајот на неделата, Фон Дер Лајен, ќе ги посети уште Косово, Албанија, Босна, Србија и Црна Гора.

Портпаролот на Европската комисија не откри дали Фон дер Лајен носи директна помош за справување со енергетската криза, но вели, целта на посетата е да се покаже дека регионот е важен за Европската Унија.

Во меѓувреме, црногорската министерка за европски прашања, во изјава за тамошните медиуми, открива дека за ублажување на последиците од енергетската криза, ЕУ планира да одвои една милијарда евра.

И регионот да биде вклучен во Европските планови за помош, уште минатиот месец побараа лидерите на земјите од иницијативата „Отворен Балкан“.