Фон дер Лајен предлага ограничување на цените на гасот

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен предложи во Европскиот парламент ограничување на цената на гасот за производство на електрична енергија и се заложи за заеднички систем за набавка на енергија во ЕУ.

Шефот на ЕК на дебатата за ескалацијата на руската агресија врз Украина предупреди дека складиштата за гас ќе мора повторно да се полнат по зимата, посочувајќи дека ЕУ „треба да има заеднички систем за набавка на енергија“.

Таа го поздрави планот REPowerEU, кој „забрзува кон енергетската независност“.

На 18 мај, Европската комисија го претстави планот „REPowerEU“ како одговор на тешкотиите и нарушувањата предизвикани од руската инвазија на Украина на глобалниот енергетски пазар. Тој план предвидува прекин на зависноста од руските енергетски извори до 2027 година.

„Европската унија е подготвена да разговара за ограничување на цената на гасот за производство на електрична енергија“, рече Фон дер Лајен пред европратениците.

Шефот на ЕК рече дека ограничувањето на цената на гасот за производство на електрична енергија ќе биде „привремено решение до новиот европски индекс на цените“.

Фон дер Лајен предупреди и дека е неопходно да се заштити европската енергетска инфраструктура.

„Саботажата на гасоводот „Северен тек“ покажа колку е ранлива нашата енергетска инфраструктура (…) Мора да бидеме поподготвени, да спроведеме стрес-тестови на критичната инфраструктура, да користиме сателити за следење и откривање потенцијални закани“, рече фон дер Лајен.