Урсула Фон дер Лајен – претседателката на Европската комисија вели дека разговарала за ситуацијата во БиХ со претставници на земјите-членки на ЕУ. Повтори дека Босна и Херцеговина има иднина во ЕУ само како единствена, обединета и суверена држава.
Фон дер Лајен потсети дека тоа го кажала при посетата на БиХ во септември минатата година, кога исто така посочила дека е клучно да се деблокира државната власт и да почне да се спроведуваат потребните реформи.
Таа предупреди дека Република Српска ризикува изолација.
„ЕУ длабоко жали поради политичката криза која го запре напредокот во реформите и ја осудува блокадата на државните институции. Патот по кој се одлучи Република Српска може да доведе само до изолација. Иницијативите за повлекување од државните институции се неприфатливи и ја загрозуваат интеграцијата во ЕУ“ рече Фон дер Лајен.
Истакна дека Унијата очекува претставниците на Република Српска целосно да се вратат во државните институции и потсети дека тоа е клучно за БиХ да има корист од програмите и фондовите на ЕУ за социо-економско закрепнување во текот на пандемијата.