
Македонија се наоѓа пред историска можност за забрзување на европската интеграција, оценувајќи дека актуелната власт нема јасен план за напредок кон Европската Унија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 32. Конгрес на партијата и ја обвини за економски застој, слабеење на институциите и зголемена политичка контрола врз правосудството и медиумите. Тој повика на обединување на прогресивните сили против национализмот, популизмот, авторитарноста и корупцијата и најави нова идеолошка платформа заснована на социјалдемократските вредности.
Корупцијата цвета а власта го употребува обвинителство за реваншизам, нагласи Филипче, на денешниот 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава – твоја шанса“. Филипче посочи дека во правосудството нема напредок, а власта се обидува да воспостави целосна контрола на овој клучен дел од системот.
– Во правосудството нема напредок, напротив власта се обидува да воспостави целосна контрола на овој клучен дел од системот. Не само што не постои борба против коруцијата, туку додека корупцијата цвета, власта го користи обвинителството за реваншизам и напади на опозицијата. Медиумите се во многу загрижувачка состојба, опаѓа слободата на печатот, се зголемува контролата од партиите на власт. Демократијата замира во оваа наша земја – рече Филипче.
Обраќајќи се пред делегатите, Филипче истакна дека Конгресот не е само формално усвојување на нов партиски документ, туку потврда на основните принципи на социјалдемократијата – правда, солидарност, силни институции, фер оданочување и европска иднина.

– Овој конгрес е доказ дека сме цврсти, обединети и дека сме спремни да ги носиме одлуките што ќе ја обликуваат нашата иднина. Целта на овој конгрес не е да биде само свечено усвојување на нова идеолошка платформа. Тоа е потврда дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија цврсто се држи до суштината на социјалдемократијата: правда наместо привилегија, солидарност наместо страв, фер оданочување наместо товар врз трудот, силни институции наместо партиска држава и европска иднина наместо националистичка магла – рече Филипче.
Најави дека СДСМ во наредниот период ќе дејствува во три насоки – барање јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите со ЕУ, понуда на социјалдемократска алтернатива за економскиот и институционалниот застој, како и мобилизација на прогресивните општествени сили. Во таа насока, тој ја истакна и важноста на „Скопската иницијатива“, која, како што рече, има цел да ги обедини прогресивните сили на Балканот против национализмот, популизмот и организираниот криминал.

Во говорот тој ја критикуваше актуелната состојба во државата, наведувајќи дека граѓаните се соочуваат со високи трошоци за живот, намалување на вработеноста во индустријата и пад на странските инвестиции.
– Луѓето не живеат од изјави и односи со јавност. Живеат во услови на високи цени, ниски плати и никаква сигурност – рече Филипче.
Тој посочи дека економските показатели, според него, ја покажуваат реалната состојба во која се наоѓаат граѓаните. Во говорот наведе дека во април годинава трошоците на живот пораснале за 5,7 проценти во споредба со истиот месец лани, а бројот на вработени во индустријата бил намален за 2,3 проценти на годишно ниво.
– Бројките не се партиска пропаганда. Во април оваа година, трошоците на живот пораснаа за 5,7 проценти во споредба со истиот месец лани. Во индустријата, бројот на вработени во април е намален за 2,3 проценти на годишно ниво – рече Филипче.
– Демократијата замира во нашата земја. И тоа е вистинската слика на владеењето денес: скапотија за граѓаните, самоувереност на власта, празен ПР, застој во институциите, контрола врз медиумите и конфузија по стратешките прашања – рече Филипче.
Осврнувајќи се на европската интеграција, претседателот на СДСМ рече дека пораките од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват покажуваат дека проширувањето повторно е високо на агендата на Унијата, но предупреди дека Македонија ризикува да заостане зад соседните земји доколку не преземе конкретни чекори.
– Додека ние стоиме во место, Албанија веќе ги отвори сите кластери, а договорот за членство на Црна Гора веќе се пишува во Брисел. Историјата не нѐ чека. Возовите во политиката не се фаќаат со оправдувања, туку се фаќаат со одлуки – посочи Филипче.
Според него, европската интеграција не е само геополитичко прашање, туку директно поврзана со квалитетот на животот на граѓаните преку подобри јавни услуги, повисоки плати, посилно владеење на правото и повеќе можности за младите.
На крајот од обраќањето, Филипче порача дека СДСМ ќе остане, како што рече, „на страната на обичниот човек, работникот, младите, правдата и Европа“, повикувајќи на обновување на довербата во политиката и институциите.