„Фајненшл тајмс“: Нема да има брз пат за членството на Украина во ЕУ

Брисел нема да вети дека ќе го забрза процесот за приклучување на Украина во Европската Унија на самитот во Киев, на кој ќе се разговара за членството на Украина во ЕУ, пишува британскиот магазин „Фајненшл тајмс“.

Раководството на Европската Унија не треба да ѝ дава лажни надежи на Украина дека ќе стане членка во наредните години, наведува „Фајненшл тајмс“ повикувајќи се на изјавите на дипломатите на земјите членки на ЕУ во Брисел, пренесува ТАСС.

Според извори на кои се повикува „Фајненшл тајмс“, изјавите на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и неговите колеги за потребата од што побрзо финализирање на пристапувањето на Украина доведоа до нереални очекувања во Киев.

„Тој јаз меѓу ветувањето и реалноста расте веќе некое време. И доаѓаме до точка каде што е премногу широк“, вели европски дипломат, цитиран од „Фајненшл тајмс“.

„Нема да има брз начин за членство на Украина во ЕУ“, додаде тој.

„Земјите од ЕУ ќе се согласат дека Украина измина долг пат постигнувајќи сериозен напредок во реформите, но нема да има ветувања за забрзано членство“, изјави за ТАСС извор од европската делегација на самитот.

Според изворот, голем број источноевропски земји се за забрзување на пристапниот процес на Украина.

„Некои земји, пред сè, источноевропските, инсистираат на Украина да ѝ биде ветено забрзано членство во толку тешко време. Но, не сите земји го делат ова гледиште. Особено големите земји членки веруваат дека не треба да се даваат празни ветувања на Киев“, додаде тој.

Украинскиот премиер, Денис Шмигал, минатата недела изјави дека владата очекува земјата да стане членка на ЕУ за помалку од две години по почетокот на пристапните преговори.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, смета дека преговорите за пристапување на Украина во ЕУ треба да почнат веќе оваа година.

На 23 јуни 2022 година шефовите на држави и влади на ЕУ одлучија на Украина и на Молдавија да им дадат статус на кандидати за членство во ЕУ.