Фатени на радар се движеле со брзина од 214 и 227 километри на час на автопатот Скопје-Тетово

МВР информира дека вчера од 15 до 21 часот на тетовско-гостиварското подрачје спроведена е уште една серија акциски контроли за брзина со која се движат возилата, посебно на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје.

-При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 94 пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место (ТЕ-66 и ГВ-28). Осум од нив (ТЕ-5 и ГВ-3) биле за над 70 километри повеќе од максималната брзина, меѓу кои двајца возачи на автопатот Скопје-Тетово се движеле со 214 и 227 километри на час. Дваесет и едно возило пречекорило од 50 до 70 километри на час (ТЕ-10 и ГВ-11) и така натаму. При контролата санкционирано е 1(ТЕ) пречекорување на пропишаната брзина во населено место и 8 (ТЕ) други видови сообраќајни прекршоци, појаснија од МВР.

На сите возачи-прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и ќе се соочат со предвидените парични глоби, а некои и со времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година.