Ибрахимовиќ објави крај на кариерата

Навивачите на Милан приредија специјална кореографија за Златан Ибрахимовиќ и му посветија транспарент „God-Bye“, а иако многумина сметаа дека ова е само крај на неговата етапа во Милано, на крајот испадна дека легендарниот Швеѓанец заминува во пензија.

Ибра ги насолзи очите уште на време на натпреварот со Верона кој заврши во корист на „росонерите“ со 3:1, но по последниот судиски свиреж, дојде ред да го чуеме и Златан доле од теренот.

Клубот постели црвен тепих во негова чест и играчите му приредија шпалир за крај, а при обраќањето, Ибра нагласи дека со ова става и крај на својата играчка кариера.

– Толку многу спомени и толку многу емоции има внатре во овој стадион. Првиот пат кога дојдов ми донесовте среќа, а вториот пат ми дадовте љубов. Сакам да се заблагодарам на моето семејство и на најблиските за нивното трпение.

– Сакам да се заблагодарам и на второто семејство. Играчите, тренерот и стручниот штаб за одговорноста која ми ја предадоа, сакам да им се заблагодарам на директорите за шансата која ми ја дадоа. За крај и не најмалку важно, од срце сакам да ви се заблагодарам на вас фановите. Ме пречекавте со отворени раце и ќе бидам миланиста цел живот. Време е да кажам збогум на фудбалот, не само на вас. Многу е тешко, има многу емоции. Форца Милан и збогум – порача Ибра.