Во италијанскиот град Торино синоќа се одржа првото полуфинале на изборот на Песна на Евровизија, а претставниците на 17 земји дадоа сѐ од себе за да се пласираат во финалето.
Гласовите ги одредија првите 10 финалисти: Швајцарија, Ерменија, Исланд, Литванија, Португалија, Норвешка, Грција, Украина, Молдавија и Холандија.
Не успеаја во големото финале да се пласираат Албанија, Бугарија и Хрватска.
Втората полуфинална вечер ќе се одржи в четврток на 12. мај кога ќе настапи и македонската претставничка Андреа Коевска. Финалето е закажано за сабота, 14 мај.
Инаку најголем фаворит за победник на Евровизија годинава е украинскиот бенд „Калуш оркестра“ кој се пласираше во финалето.
По синоќешниот пласман во саботното финале членовите на фолк-рап бендот го вееја украинското знаме, а претходно демонстрираа моќна изведба на нивната песна „Stefania“.
„Ви благодариме што ја поддржавте Украина“ – коментарираа Украинците додека траеше аплаузот во салата.