Туфегџиќ: Крај на обвинителската кариера на Русковска и девастирани институции

Конфликтот помеѓу првите луѓе на двете клучни институции задолжени за борба против криминалот и корупцијата добива свој логичен тек имајќи го предвид пред се интензитетот на конфликтот во јавноста. Повеќе од очигледно е дека недоразбирањата, несогласувањата како и нивото и интензитетот на личниот конфликт помеѓу првите луѓе на овие институции не датираат од вчера туку се кулминација на нешто што трае подолго време. Ова за Трилинг го анализира поранешниот судија, адвокатот Владимир Туфегџиќ.

Конфликтот очигледно ескалирал од причина што затаил системот на хиерархија и субординација.

Отстранувањето на првите луѓе на овие две институции на начин како што тоа е направено и логичниот тек на работите што следи, во персонална смисла ќе значи крај на една обвинителска кариера, а дисциплинската постапка која е поведена против уште двајца јавни обвинители за како што е наведено, сериозна професионална грешка и пропуст, ќе значи голем професионален товар и сериозно доведување во прашање на идната кариера, интегритетот и кредибилитетот на овие јавни обвинители во постапувањето по други започнати кривични постапки, особено на еден млад и надежен обвинител, мислам пред се на јавниот обвинител Ивана Трајчева.

Штетните последици ќе имаат своја рефлексија во однос на довербата и функционирањето на овие институции и ова е процес што ќе трае доколку надлежните структури брзо не донесат одлука по однос на ова прашање, дециден е адвокат Туфегџиќ.

Останува отворено прашањето, со каков степен и квалитет на сознанија, аргументи и основано сомневање, располагал јавниот обвинител што проценил дека единствено со наредба за претрес во институционално подреден орган, ќе се обезбедат докази и факти за непречено и успешно водење на кривичната постапка.

Од друга страна, останува отворено прашањето зошто УФП, пред се заради заштита на угледот на институцијата, не го искористи законското право да ја оспори законитоста на претресот во судска постапка во делот на судската контрола на законитоста, туку веднаш превзема дејствија со претставка во државниот јавен обвинител и кривична пријава, со што институционалниот конфликт се претвори во личен конфликт.

Во периодот што следи се надевам дека ќе ги добиеме одговорите на овие прашања, смета Туфегџиќ.