Турција и помага на Украина, го затвори преминот на руските воени бродови низ Црно Море
Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди – Турција го затвори преминот на руските воени бродови низ Црно Море, во екот на руската инвазија на Украина.
„Им благодарам на мојот пријател, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на народот на Турција за силната поддршка. Забраната за минување на руски воени бродови низ Црното Море и значителната воена и хуманитарна поддршка за Украина се исклучително важни денес. Луѓето од Украина никогаш нема да го заборават тоа“ – напиша Зеленски на Твитер.
Турција претходно одговори дека не може да го спречи минувањето на руските воени бродови низ нејзините теснеци кои излегуваат на Црното Море.
Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу за турскиот весник „Хуриет“ изјави дека Турција не може да го запре минувањето на бродовите, повикувајќи се на клаузула од Конвенцијата од Монтре која им дозволува на бродовите да се вратат во нивната матична база на тој начин.
Украина во четвртокот побара од Турција да ги затвори каналите Босфор и Дарданели за руските воени бродови.
„Во случај на војна во која Турција не учествува, постојат мерки што може да се преземат во однос на земјите што учествуваат во војната“- рече Чавушоглу.