„Формирана е дисциплинска комисија за да ги истражи деталите за вчерашното повикување на новинарката, Соња Делевска од порталот „СДК.мк“ на информативен разговор во полиција по поплака на раководителка на одделение во Министерството за правда“.
Ова вечерва на тв Телма го изјави министерот за правда – Никола Тупанчевски.
„Не седиме со скрстени раце и формиравме дисциплинката комисија ќе ги истражи сите детали за случајот. Јавноста ќе биде навремено информирана“ – рече министерот.
Според него, постапка е покрената и во МВР за утврдување на околностите под кои новинарката Делевска била повикана во полиција.
На новинарката Делевска во саботата на домашна адреса ѝ била доставена покана од полиција да се јави на разговор во полициската станица „Беко“, врз основа на добиена поплака од раководителка на Министерството за правда за напишан текст од страна на новинарката.